Преку ослободувачки вдах на надежта до откривањето на утопијата

Рецензија на книгата „Место на утопии“ од Хорхе Палма

Преку ослободувачки вдах на надежта до откривањето на утопијата

 

Хорхе Палма е поет од Уругвај којшто настапувал на многу поетски фестивали низ светот, добил бројни награди поради неговиот богат поетски опус и пораките што неминовно ги пренесува преку своите книги. Настапил и на четириесет и осмите Струшки вечери на поезијата во Македонија кога склопуваат пријателство со Борис Вишински кому му ја остава книгата „Место на утопии“ за превод. Со Борис не успеавме да ја заокружиме целата работа затоа што за жал тој се упокои. Во меѓувреме Хорхе ми ги испрати и поетските книги „Млечен пат“ и „Дневници од небото“. По внимателниот прочит, сметав дека вреди неговите дела да ги имаме и на македонски јазик, па затоа се посветив првенствено на „Место на утопии“ што излезе од печат во 2023 г., издавачка куќа „Макавеј“.

Темите што ги обработува поетот во неговите песни лесно се пресликуваат во нашата средина поради самата суштина и проблематика правејќи ја Македонија блиска со Уругвај и покрај тоа што во географска смисла тие се две далечни земји. Од формален аспект книгата е поделена во шест поглавја: „Огледалата и деновите“, „Секојдневен живот“, „Бескрајната река“, „Место на утопии“, „Прибежишта“ и „Каде што сè уште дише розата“. Сите песни се напишани во слободен стих.

Хорхе Палма е, без сомнение, еден од најзначајните поети во Уругвај којшто успеа да ја постави поезијата како моќен глас на автохтоната уметничката креација. Во „Место на утопии“, Палма го потврдува неговиот рафиниран сензибилитет за пресоздавање на различните фази на човековата емоција, соочен со силната потреба да чувствува.

Оваа книга ги отвара најчестите теми на поетот, што повторно проникнуваат во историјата, контрадикторностите на сегашноста, насилството, ранливоста на љубовта, големите триумфи и порази и мизеријата. Силна поезија со експлицитна хуманистичка вокација што ги пренесува нашите заеднички сомнежи и несигурности во еден итинерар што често пати намерно придобива критичко обележје. Освен тоа, овој освестувачки стих не доаѓа неизбежно како пораз, туку со ослободувачки вдах на надежта и откривањето на утопијата. Со „Место на утопии“ Хорхе Палма го одржува неговото ветување за трансформација на неговата креација во градиво за размислување:

 

Диносауруси?

Ние коишто сè уште го бараме
лицето на месечината
во масната површина
на барите.

Ние коишто седнати покрај
било кое дрво
се уверуваме во незабележливото
растење на еден лист;
вртоглавото паѓање
на капка роса;
скок на пајак
во неговата лулашка од проѕирен конец
кон друга гранка, тажен
поради провалијата што пркоси
под неговите осум мали ноџиња.

Токму во тој момент
кога сите во градот
спијат,
и во длабоката тишина
на ноќта
се слуша само
старото биење
на универзумот.

 

Утопијата, тоа непостоечко место што не влече кон најдоброто од нас самите, е светото место што поезијата го чува, она „што осветлува, како оганче, нешто што во тишината, постојано гори, во недопрените гради, на луѓето“.

Рецензира: Наде Поп-Гаврилова

 

 

 

Сподели :

Последни објави

Најубавиот новогодишен подарок

Подарете книга и израдувајте ги своите најблиски
Кошничка0
Нема продукти
Продолжи пазарење
0

Најавете се со вашата корисничка сметка