ПОЕЗИЈА НА КОПНЕЖОТ И СОНОТ, НА ЕРОСОТ И ТАНАТОСОТ

ПОЕЗИЈА НА КОПНЕЖОТ И СОНОТ, НА ЕРОСОТ И ТАНАТОСОТ

 

(кон поетската збирка „Килибар и младост“ од Гордана Михаилова Бошнакоска)

 

 

Најновата стихозбирка на еминентната поетеса Гордана Михаилова Бошнакоска, насловена „Килибар и младост“, претставува значајно поетско остварување во творечкиот архипелаг на авторката, создавајќи диптих со нејзиното претходно дело, „Мед и младост“. И во двете збирки стиховите се родени низ контемплацијата за страста и љубовта, плотното и духовното, доаѓањата и заминувањата и враќањата, животот, смртта и вечноста, низ односот на две човечки суштества. Додека во „Мед и младост“ овие големи теми на поезијата се одигруваат помеѓу поетеса и артист, во „Килибар и младост“ Таа и Тој се поетеса и поет, а нивниот однос ги поврзува и трансфигурира сонот и јавето, северот и југот, минливоста и вечноста, кои допрени од нивната егзистенција и љубов, и со тие преобразби таа љубов и нејзините дејства добиваат алхемиска димензија.

И во самиот наслов на стихозбирката се наслушнува ехото на алхемијата: налик на алхемичарите кои трагаат по каменот на мудроста поаѓајќи од materia prima и во таа материја ги наоѓаат проекциите на сопствените несвесни стремежи, така поетесата Гордана Михаилова Бошнакоска во оваа поетска збирка тргнува од килибарот, кој трансмутирајќи, преоѓајќи од една агрегатна состојба во друга, ја стекнува вечноста, и моќта да го сочува за вечноста сето она што во себе ќе го зароби, што е тематизирано во повеќе песни, а можеби најексплицитно во „Бубачка“, и во првата песна, по која е именувана целата стихозбирка:  „ние во килибарот мек / околу нашите тела / слепен цврст оков / згустен вечен.“ Килибарот во оваа стихозбирка е едновремено и materia prima и камен на мудроста, и ги најавува својствата на оваа поезија во која се проникнуваат телесното и духовното, сетилното и оностраното, еротските и спиритуалните искуства, се соединуваат сонот и јавето, свесното и несвесното, минливото и вечното, мислите и имагинацијата, интелектуалното и ониричкото.

Сонот е сферата во која се одвиваат песните од стихозбирката „Килибар и младост“, и секоја песна започнува со стихот „Понекогаш сонувам“, а во тоа сонување има и посакување, и мечтаење како проекција на посакуваното, она што можело да стане стварност, а сепак не било остварено во реалноста. Уште со првите два стиха од првата песна, по која е насловена стихозбирката, најавени се сонот и отсуството: „Понекогаш сонувам / ти не си тука“, додека пак во втората песна, „Тој“, токму преку сонувањето е надополнето отсуството: „Понекогаш сонувам /дека ти си мој.“

Проникнувањето на ониричното и реалното во песните од „Килибар и младост“ иницира трансфигурации на просторот и времето, па така се преплетуваат различни темпорални планови, се приближување и допираат далечните простори, како во песната „Улици“: „Понекогаш сонувам /  дека го топиш / тој далечен снег / што сега лесно паѓа / кај мене тука / и ти се доближуваш / низ пространствата / на оваа далечина/ и сега можеме / да го видиме / езерото и реката.“ И додека стварноста е силата која ги спречува Неа и Него да го остварат заедничкото постоење, во сонувањето се остварува тој копнеж Таа и Тој да егзистираат еден покрај друг, како во песната „Тој е тука“, дури и заминувањето е потрага по повторна средба, како во песната „Заминувам“.

Гастон Башлар во „Водата и соништата“ вели: „Повеќе од јасните мисли и свесните слики, соништата се под влијание на четирите основни елементи.“ Ако треба да избереме кој од четирите основни елементи е доминантен во оваа поетска збирка на Гордана Михаилова Бошнакоска, тогаш несомнено би ја посочиле водата: во соништата од нејзините стихови се мешаат слатките води на езерото со солените води на фјордот. И не случајно во „Килибар и младост“ водата е доминантен елемент, затоа што, како што вели Башлар, „во самата супстанција на водата препознаваме одреден тип на интимност“,  а во песните од „Килибар и младост“ соништата се раѓаат од длабоката љубов на две човечки суштества; преку Нејзината и преку Неговата свест сонот се претвора во преиспитување на стварноста и на неостварливото, испитување на одлуките и на неостварените можности, непревземените чекори, сонот е вага на која се положува она неизмерливото – силната љубов на која не и е судено да се оствари низ заедничка егзистенција: Таа останува блиску до Езерото на Југот, Тој – до фјордовите на Северот. „Под површинските слики на водата постои низ на се подлабоки, се поупорни слики,“ вели Башлар, па така и под површината на водите на езерото и фјордот од стиховите на Михаилова Бошнакоска нѐ очекува повеќезначност, нѐ очекуваат слоеви од значења, притаени знаци кои нѐ упатуваат на суштината на едно страсно и возбудливо постоење. Постоење кое стреми кон соединување на Таа и Тој, соединување кое колку што е вкоренето во телесното и материјалното, толку во себе носи и метафизичка димензија на надминување на границата помеѓу две човечки суштества, состојба во која Жорж Батај вели дека ја надминуваме „одвоеноста на нашето јас, кое ја губи свеста за себе само кога ги пречекорува своите граници, кое себе се губи во прегратката, во која се губи осаменоста на битието.“

Во песните од оваа стихозбирка на Михаилова Бошнакоска ја осознаваме вистината дека човечкото суштество не е трансцендентално Јас кое постои само за себе, туку само преку Другиот може да го спознае светот и да се осознае себеси, а  Телото и телесноста е она што двата трансцендентални субјекти ги прави реални, и им дава суштина и печат на автентичност, како во песната „Твојата коса“: „Понекогаш сонувам / како северниот ветер / над замрзнатите / фјордовски карпи / ја вее твојата жолта коса / прамени меки  / паѓаат на перницата / на успаното лице / на жедните усни се лепат.“ Тој сон е роден од копнежот кој тлее во самотијата која не е состојба на одвоеност од светот, туку од објектот на љубовниот копнеж, што нѐ потсетува на зборовите на Гастон Башлар, кој на едно место вели: „Понекогаш во нас водат дијалог желбите – желбите? можеби спомените? или реминисценциите настанати од недовршените соништа? – еден човек и една жена говорат во самотијата на нашето битие.“

Тоа постојано нурнување во сферата на ониричкото во песните од стихозбирката „Килибар и младост“ не претставува бегство од стварноста во некој непостоечки свет, туку соочување со сопствените животни дилеми, предизвици и избори: „Понекогаш сонувам / како ме повикуваш / да го пречекорам прагот / на мојот живот / да го оставам зад мене / зад сѐ моите морали / моите етики / моите утра-денови-ноќи / сѐ што е  без тебе“ (од песната „Повик“).

Жерар Женет во „Фигури 1“ вели дека „и најнаивната површина на водата го скрива понорот“, а средбата на поетскиот субјект со водата и нејзината длабочина во песните на Михаилова Бошнакоска не води кон тонење, туку соочување со сопствените егзистенцијални прашања. Во песната „Нашите зелени куќи“ дното на миг го губи своето застрашувачко значење, тоа станува простор на интимата („Понекогаш сонувам / како стигнуваме / до нашите зелени куќи / населба скрита / тајна длабока / до самото дно на езерото“), место во кое се открива заедничката радост („се довикуваме / колку да не се загубиме / во овој порој од среќа / низ водата“), за потоа да настане пресврт во кој со контемплативен став му се пристапува на исчезнувањето и смртноста („моето зелено тело / се губи во сопствениот / простор втопен / во истата боја / на нашата длабока тајна / ти ме довикуваш / а мене ме нема.“).

Низ песните од „Килибар и младост“ провејува мислата за исчезнувањето и смртта, но таа мисла не е одвоена од силното чувствување на копнежот, од интензивното доживување на животот. Во оваа стихозбирка постои нераскинливо поврзување на Еросот и Танатосот, и дури ни смртта не е во состојба да ја изгасне љубовта: „Понекогаш сонувам / те барам / иако сум мртов / тоа не значи ништо / во овој свет / во кој обитувам“, се вели во песната „Ти каде си“. И последната песна од стихозбирката, „Нѐ нема“, која и завршува токму со тој стих во кој одекнува насловот, и кој говори за непостоењето, всушност говори за едно поинакво постоење од ова овоземното, во кое конечно и се случува оностраната, мистична венчавка на оние кои на овој свет биле разделени.

Најновата стихозбирка на Гордана Михаилова Бошнакоска претставува силна потврда на вредностите на книжевниот опус на авторката, и доказ дека страста во животот и во творењето обезбедуваат вечно обновлива младост и зрела поетската мудрост, кои силно ги чувствуваме во стиховите за сонувањето и за копнежот, и за Еросот и Танатосот на страниците на „Килибар и младост“.

 

Рецензира: Гоце Смилевски

 

 

 

 

 

 

 

Сподели :

Последни објави

Најубавиот новогодишен подарок

Подарете книга и израдувајте ги своите најблиски
Кошничка0
Нема продукти
Продолжи пазарење
0

Најавете се со вашата корисничка сметка