ПОЕЗИЈА ШТО ГО ОБЕЗВРЕМЕНУВА ВРЕМЕТО

ПОЕЗИЈА ШТО ГО ОБЕЗВРЕМЕНУВА ВРЕМЕТО

 

(краток вовед наместо долг и здодевен предговор кон оваа драматична лирска битка меѓу сонот и стварноста)

 

Запомнете драги читатели, потсетувам дека со оваа книга Гор­дана Михаилова Бошнакоска го продолжува успешниот за­лет од претходната книга „Мед и младост“ со кој најави сво­е­вид­на фигуративна бура во рамките на секогаш компактниот кра­ток простор на нејзината лирска песна. И сега, со оваа сти­хо­збир­ка воспоставува лирски мост изграден од пластови време и плас­тови немерлива имагинација, одново во ограничениот прос­тор на лирското возгласување на вистината за себеси и за све­тот, со што на магичен начин својот емотивен и рационален ли­чен универзум го спојува и пресоздава на најуверлив начин во вознемирен лирски верзум што нема да ве остави рамно­душ­ни.

На кој начин го постигнува тоа?

На најчудесниот: со премостување на времето, како што му­зи­ката го укинува просторот додека ја слушаме – ние сме во неа, таа е во нас. „Во килибар и младост“ нашата поетеса нѝ се обраќа од килибарниот светлосен свет на нејзината меморија и преку илу­зијата на сонот, нѝ поставува на пребогатата лирска трпеза изо­билство нестивнати емоции, прележани мудрости по­ми­на­ти низ најситното сито на личното векување и се збиднува функ­ционален ментален смолест спој – нема дистанца меѓу по­јав­ното и сонуваното, растојанието е совладано, лирскиот тон се опред­метува и преминува во нашите прсти со диктирачката има­гинација – а ние, читајќи, само го продолжуваме траењето на илузијата.

Таков е овој маестрално стокмен удар на Горданината лир­ска етида, како свој припев, како музика што ги збрала сите вре­ми­ња, во едно – во нашето, сегашно, единствено и миговно веч­но. Како што порачуваше и една позната француска поетеса – веч­носта се крие во срцето на мигот.

Што е сон а што стварност во оваа книга на Гордана Ми­ха­и­ло­ва Бошнакоска?

Измешани се двете состојби – и сонот и стварноста. И е до­да­дена уште една – незбиднатоста која демне за секој поетски спој. Ерго. Поетесата навистина се вдала во лирски проект кој го обез­временува времето, го разорува на веројатности кои со најмек допир создаваат очудување, онеобичување, мала бура во допирот на стиховите еден со друг.

Во сите циклуси на оваа книга, од песна во песна се прелева оксиморонската љубов на телото и бестелесноста, на црното и бе­ло­то, на ноќта и зората, на будноста и ноќниот тонеж во за­бо­ра­вот. Алките што ги спојуваат и неутрализираат отсуството и при­суството се блескотните тела и невидливите души на љу­бов­ниците кои како испарлива материја на страста се реин­кар­ни­раат во секое продолжение како сладост и болка, како страв и надеж:

 

… Понекогаш сонувам

дека ти си мој

дека седиш до мене

дека појадуваш

во мојот кревет

па заминуваш на некој

далечен пат

дека таму заведуваш

секакви жени

кои ти ги бакнуваат

стапалата-рацете-очите-усните…

Потоа, во некое неопределено време во сонот поетесата ја рела­тивизира кобната проекција на страста и создавајќи атмо­сфе­ра на присност го извлекува љубениот од туѓите прегратки и лирски прикажува или само сугерира, навестува, вести, заблу­ду­ва:

 

… Понекогаш сонувам сон

ми велиш

,,никогаш не сум заминал,,

појадувам со тебе

на терасата

од твојот сон

ние лебдиме

меѓу мекото тесто

на топлите лепчиња

и жешките голтки

на зелениот чај…

 

И продолжува, почитувани читатели, се стврднува во сопс­тве­но време од висока лирска вредност оваа книга, алхемиски се крева во нашата свест хармоничниот ритам на еросот и та­на­то­сот, на стравот и надежта, во места и предели знајни и из­мис­ле­ни, во простори со џагор и во простори на молк и воздишки, во писма напишани и неиспратени, во писма стасани и неот­во­ре­ни, во имагинарни предели, нестварни езера и височини, во по­раки што самите се емитираат и ги наоѓаат етеричните тела на љубовта во некоја нова проекција, на некој нов праг од жи­вот­ната приказна што е своевиден цврст `рбет на оваа книга: зашто задоволството што го покренува и предизвикува овој поет­ски проект низ книгата „Килибар и младост“ го мулти­пли­ци­ра поетското кредо на парадоксот – својствата на телесноста да не им спротивставуваат секогаш на идеите на душевноста. Или како што имплицитно си поигруваше со поетичките акси­о­ми за внатрешниот вртлог на спротивставеностите во лир­ска­та песна, познатиот аналитичар на поетиката на текстот Роналд Барт – задоволството можеби може да се објасни и именува – на­сладата останува сама и недопирлива.

Сакам да ве поведам и заведам токму на таа патека која води кон недопирливоста и неглаголивоста на врутокот што баботи под стиховите на оваа книга.

Гордана Михаилова Бошнакоска ни сугерира дека нејзиното по­ет­ско битие заправо се храни и опстојува само од длабинските кло­коти на рој вруток што го нарекуваме чувствување на из­гу­бе­ното време. И наместо да ни говори за изгубеното време, таа на најзаводлив начин, ни го подарува поетското чувствување – вре­ло, моќно, излеано во килибарна топлина и студ исто­вре­ме­но.

Затоа, почитувани читатели, дами и господа кое живеете за по­езијата, ве оставам спокојно да ги прелистате чудесните пес­ни-етиди од циклусите „Тој – сонување“, „Нашите можности“, „Ки­либар – внатрешен предел“ и „Другиот“. Сами извлечете ги сво­ите заклучоци и соочете се со сопствената рецепција на чу­дес­ната, будната и заумна песна што се создава во оваа книга на Гор­дана Михаилова Бошнакоска.

А мене, допуштете ми да се изјаснам уште еднаш:

Внесувајќи речиси драматична новина во своето долго­го­диш­­но поетско творештво од над шест десетлетија, авторката об­ја­вува дека не е „сѐ е кажано“, дека не му робува на еден (дури и да е целосно личен) поетски систем и дека е „дојдено време“, ба­рем во нејзиното творештво, поезијата-песната да стане тол­ку­вач на некоја стварност што го урива времето како категорија во емотивниот и општопознатиот универзум, и којашто може, во крајна линија, воопшто да не биде напишана, а да суш­тес­тву­ва.

Јас продолжувам да ѝ се чудам и да ѝ заблазнувам.

Зашто ако времето може да заборава и да (о)ништува сѐ, вистинскиот поет може да го превозмогне и да го обезвремени самото време!

Бранко Цветкоски

Сподели :

Последни објави

Најубавиот новогодишен подарок

Подарете книга и израдувајте ги своите најблиски
Кошничка0
Нема продукти
Продолжи пазарење
0

Најавете се со вашата корисничка сметка