ПОЕЗИЈА ШТО ГО ОБЕЗВРЕМЕНУВА ВРЕМЕТО
(краток вовед наместо долг и здодевен предговор кон оваа драматична лирска битка меѓу сонот и стварноста)
Запомнете драги читатели, потсетувам дека со оваа книга Гордана Михаилова Бошнакоска го продолжува успешниот залет од претходната книга „Мед и младост“ со кој најави своевидна фигуративна бура во рамките на секогаш компактниот краток простор на нејзината лирска песна. И сега, со оваа стихозбирка воспоставува лирски мост изграден од пластови време и пластови немерлива имагинација, одново во ограничениот простор на лирското возгласување на вистината за себеси и за светот, со што на магичен начин својот емотивен и рационален личен универзум го спојува и пресоздава на најуверлив начин во вознемирен лирски верзум што нема да ве остави рамнодушни.
На кој начин го постигнува тоа?
На најчудесниот: со премостување на времето, како што музиката го укинува просторот додека ја слушаме – ние сме во неа, таа е во нас. „Во килибар и младост“ нашата поетеса нѝ се обраќа од килибарниот светлосен свет на нејзината меморија и преку илузијата на сонот, нѝ поставува на пребогатата лирска трпеза изобилство нестивнати емоции, прележани мудрости поминати низ најситното сито на личното векување и се збиднува функционален ментален смолест спој – нема дистанца меѓу појавното и сонуваното, растојанието е совладано, лирскиот тон се опредметува и преминува во нашите прсти со диктирачката имагинација – а ние, читајќи, само го продолжуваме траењето на илузијата.
Таков е овој маестрално стокмен удар на Горданината лирска етида, како свој припев, како музика што ги збрала сите времиња, во едно – во нашето, сегашно, единствено и миговно вечно. Како што порачуваше и една позната француска поетеса – вечноста се крие во срцето на мигот.
Што е сон а што стварност во оваа книга на Гордана Михаилова Бошнакоска?
Измешани се двете состојби – и сонот и стварноста. И е додадена уште една – незбиднатоста која демне за секој поетски спој. Ерго. Поетесата навистина се вдала во лирски проект кој го обезвременува времето, го разорува на веројатности кои со најмек допир создаваат очудување, онеобичување, мала бура во допирот на стиховите еден со друг.
Во сите циклуси на оваа книга, од песна во песна се прелева оксиморонската љубов на телото и бестелесноста, на црното и белото, на ноќта и зората, на будноста и ноќниот тонеж во заборавот. Алките што ги спојуваат и неутрализираат отсуството и присуството се блескотните тела и невидливите души на љубовниците кои како испарлива материја на страста се реинкарнираат во секое продолжение како сладост и болка, како страв и надеж:
… Понекогаш сонувам
дека ти си мој
дека седиш до мене
дека појадуваш
во мојот кревет
па заминуваш на некој
далечен пат
дека таму заведуваш
секакви жени
кои ти ги бакнуваат
стапалата-рацете-очите-усните…
Потоа, во некое неопределено време во сонот поетесата ја релативизира кобната проекција на страста и создавајќи атмосфера на присност го извлекува љубениот од туѓите прегратки и лирски прикажува или само сугерира, навестува, вести, заблудува:
… Понекогаш сонувам сон
ми велиш
,,никогаш не сум заминал,,
појадувам со тебе
на терасата
од твојот сон
ние лебдиме
меѓу мекото тесто
на топлите лепчиња
и жешките голтки
на зелениот чај…
И продолжува, почитувани читатели, се стврднува во сопствено време од висока лирска вредност оваа книга, алхемиски се крева во нашата свест хармоничниот ритам на еросот и танатосот, на стравот и надежта, во места и предели знајни и измислени, во простори со џагор и во простори на молк и воздишки, во писма напишани и неиспратени, во писма стасани и неотворени, во имагинарни предели, нестварни езера и височини, во пораки што самите се емитираат и ги наоѓаат етеричните тела на љубовта во некоја нова проекција, на некој нов праг од животната приказна што е своевиден цврст `рбет на оваа книга: зашто задоволството што го покренува и предизвикува овој поетски проект низ книгата „Килибар и младост“ го мултиплицира поетското кредо на парадоксот – својствата на телесноста да не им спротивставуваат секогаш на идеите на душевноста. Или како што имплицитно си поигруваше со поетичките аксиоми за внатрешниот вртлог на спротивставеностите во лирската песна, познатиот аналитичар на поетиката на текстот Роналд Барт – задоволството можеби може да се објасни и именува – насладата останува сама и недопирлива.
Сакам да ве поведам и заведам токму на таа патека која води кон недопирливоста и неглаголивоста на врутокот што баботи под стиховите на оваа книга.
Гордана Михаилова Бошнакоска ни сугерира дека нејзиното поетско битие заправо се храни и опстојува само од длабинските клокоти на рој вруток што го нарекуваме чувствување на изгубеното време. И наместо да ни говори за изгубеното време, таа на најзаводлив начин, ни го подарува поетското чувствување – врело, моќно, излеано во килибарна топлина и студ истовремено.
Затоа, почитувани читатели, дами и господа кое живеете за поезијата, ве оставам спокојно да ги прелистате чудесните песни-етиди од циклусите „Тој – сонување“, „Нашите можности“, „Килибар – внатрешен предел“ и „Другиот“. Сами извлечете ги своите заклучоци и соочете се со сопствената рецепција на чудесната, будната и заумна песна што се создава во оваа книга на Гордана Михаилова Бошнакоска.
А мене, допуштете ми да се изјаснам уште еднаш:
Внесувајќи речиси драматична новина во своето долгогодишно поетско творештво од над шест десетлетија, авторката објавува дека не е „сѐ е кажано“, дека не му робува на еден (дури и да е целосно личен) поетски систем и дека е „дојдено време“, барем во нејзиното творештво, поезијата-песната да стане толкувач на некоја стварност што го урива времето како категорија во емотивниот и општопознатиот универзум, и којашто може, во крајна линија, воопшто да не биде напишана, а да суштествува.
Јас продолжувам да ѝ се чудам и да ѝ заблазнувам.
Зашто ако времето може да заборава и да (о)ништува сѐ, вистинскиот поет може да го превозмогне и да го обезвремени самото време!
Бранко Цветкоски