Рецензија за „Од животот на промислената жена“ – Кери ван Бруген
Книгата на Кери ван Бруген (еден од псевдонимите на еврејско-холандската писателка Каролина Леа де Хан) е една необична, само навидум бавна книга. Сиот поток од информации и тези во него, успеваат да го заинтригираат читателот, ако внимателно се движи низ пасажите текст.
Оваа книга е одличен одговор против мизогинијата на европското општество во 19 век и дава еден силен глас и чекор кон рамноправноста, основните човекови права и феминизмот. Авторката има еден студен однос кон опишувањето и не дозволува да ја понесе жестокост и емоционалност во елаборирање на нејзините ставови.
Сета женска борба и филозофија практично експлодира по следнава изјава на едел од ликовите, Бен… „Ако некоја девојка студирала, дури и да не дипломирала, никогаш повеќе нема да биде чудна и непријателски настроена, што е типично за обичната девојка, кон работата на својот сопруг, кон неговиот ангажман.
Тогаш таа подобро сфаќа зошто тој ги жртвува своите мали задоволства, сфаќа зошто ги учи своите деца да го почитуваат образованието на нивниот татко… повеќе не е љубоморна на неговата работа, како жена која не ја разбира, затоа што барем разбира нешто од сето тоа. На овој начин, образованието на жените на крајот претставува благослов за семејниот живот. И само кога би можело да се докаже дека тоа е навистина така, дека навистина тоа се случува, би паднал одличен аргумент против академското студирање за жените. Мене тоа воопшто не ми изгледаше како нездраво размислување…“
Кери ван Бруген не говори само за обичен тип феминизам во книгите. Таа ѝ дава полнокрвност и на страста, на љубовта, на женската егзотика и прагматика. И самиот живот на Ван Бруген е исполнет со противречности и напуштања на традицијата и повторно интелектуално прегрнување на истите. Напуштање на јудаизмот и некаков тип на внатрешна екскомуникација, меланж на социјализам и феминизам, па сѐ до депресија и психичка и физичка истоштеност. Биографските податоци велат дека успеала да напише дваесет дела за петнаесет години. Што е тоа ако не потрага по себството, љубовта, вистината и искреноста на животот и литературата.
Оваа книга не се брза. Се чита смирено, со размислување и повторно навраќање на цели параграфи. Позади очигледната информација и расудување постои цел еден свет на скриени пораки испишани со тегобност и постојана борба. Борба која Кери ван Бруген во еден дел од својот живот ја предава очигледно свесна за успехот кој го заслужувала и привремениот неуспех што го почувствувала.
Ова е темен роман кој на околу 160 страници опишува цела една мачна филозофија на измешана борба и откажување. Кери ван Бруген е писателка која ги поместува границите на пишувањето и учеството на жената во културниот живот. Фронтот на борбата е и на индивидуално ниво како лик алтер-его и како авторка, улогата на жената во семејството и домашните обврски, улогата во брачното легло, книжевните регистри и најнакрај во општеството.
Рецензира: Душко Крстевски